„Разговараме со многу политички партии, нашата стратегија е јасна. Формиравме Комисија за преговори со политичките партии и таа беше поддржана и изгласана од Извршниот и од Централниот комитет. Планираме прво да разговараме со политичките партии од постојната Коалиција и тоа ќе се случи во првата половина на февруари“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашното гостување на 24 Анализа што се емитува на Tелевизија 24.
Потоа, според Мицкоски, ќе се разговара со сите партии кои имаат желба и намера да пристапат кон ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа ценам дека би требало да биде во втората половина на февруари. Во март да ја затвориме структурата на Коалицијата со која ќе настапиме на следните претседателски и парламентарни избори, и потоа официјално да почнеме кампања„, изјави тој и додаде дека со сегашните и идните партнери ќе се разменуваат идеи и ќе се настапи со документ, програма со која ќе се излезе на избори и ќе биде и владина програма.