Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски денеска (10.12.2021 година) оствари онлајн средба со шефицата на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд за Македонија, г-ѓа. Берглјот Бјорнсон Баркбу и резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, г-ѓа. Стефани Ебле.
На средбата беа отворени повеќе теми, при што главен фокус беше на актуелната политичка и економска ситуација во Македонија, како и енергетската криза со која се соочуваат граѓаните.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека заради лошото работење на власта македонската економија тоне од ден на ден, и е убедливо на дното во Европа, додека во меѓувреме земјата станува се позадолжена, а граѓаните се посиромашни.
Тој укажа на загриженоста дека оваа власта нема план, ниту способност како да се справи со ценовниот шок кој допрва следи, како и енергетската криза и посочи дека сето тоа лошо ќе се одрази по семејните буџети на граѓаните.
Мицкоски потенцираше и дека власта нема намера да ги решава таквите проблеми, а доказ за тоа се високата корупција која ја потврдуваат сите релевантни меѓународни институции, но и немањето владеење на право во Македонија.
Мицкоски на средбата нагласи дека за Македонија неопходно е да стане членка на Европската Унија и покрај фактот што власта потфрли да се справи со криминалот и корупцијата, но Македонија не заслужува во 21 век да продолжи да биде заложник на спорот со Бугарија.