Мицкоски: Најважно е спасат што е можно повеќе човечки животи во пандемијата со Ковид-19

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски како позитивна и успешна ја оцени денешната средба со премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, на која беше постигнат договор за одлагање на пописот за септември, како и на локалните избори за втората половина на октомври, користење на отисоци од прсти на изборите и друго. Изрази надеж дека со оваа денешна средба ќе испратат силна порака во овие тешки времиња на пандемија со Ковид-19 е дека најмалку што сега ни треба е политиканство и дека секој човечки живот е важен. Мицкоски рече дека доколку има потреба, повторно би разговарал со Заев, но и во проширен состав.

-Се согласивме и веќе утре на дневен ред во рамките на Парламентот ќе биде измената во Изборниот законик која што се однесува на терминалите за отчитување на отисок од прсти или т.н. фингерпринт терминали и очекуваме успешно да биде изгласана во рамките на Парламентот, изјави  Мицкоски.

Според лидерот, на опозициската партија измените на Изборниот законик за примена на терминалот на отисок од прст се многу значајни за демократскиот капацитет на самиот процес, односно „еден човек, еден глас“ со што се спречува семејно гласање кое во минатото било пракса.

Тој и Заев, како што кажа, се согласиле да ги охрабрат работните групи коишто во рамките на Парламентот преговараа за останатите измени во Изборниот законик како што се измената на изборниот модел, една изборна единица, или доколку има други предлози, понатаму отворени листи за советници на следните локални избори, понатаму избор за градоначалник во прв круг со тоа што би бил задоволен определен процент од вкупниот број запишани избирачи во таа општина каде што се бира тој градоначалник, гласањето на дијаспората на следните парламентарни избори надвор од ДКП-та, односно онаму каде што дозволуваат законите да се формираат избирачки места надвор од ДКП-та и имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

-Се согласивме дека е неопходен дијалог и тоа е двонасочна улица. Конструктивноста е двонасочна улица. Бројките вакви какви што се во Парламентот, подразбира дека власта и опозицијата за сите важни процеси пред да бидат ставени на маса треба да изградат заеднички став. Тоа значи дека прашањето дали ќе бидеме контруктивна опозиција подразбира дали ќе имаме конструктивна власт. Ако имаме конструктивна власт ќе имаме и конструктивна опозиција. Тие две работи се едно со друга поврзани, изјави Мицкоски.

Втората тема, за која што разговарале како што кажа Мицкоски, била работата во Парламентот и притоа се согласиле пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да работи заедно со парламентарното мнозинство на сите закони што се однесуваат на реформската агенда поврзана со интеграцијата на Македонија во рамките на ЕУ и сите закони коишто се однесуваат на поддршката на стопанството, економијата, граѓаните и бробата против пандемијата.

-Тоа што во моментов е закочено во процедурите во Парламентот се согласивме дека треба да биде откочено, односно заедно опозицијата и власта сите закони коишто се однесуваат на реформскиот процес и интеграцијата на Македонија во рамките на ЕУ понатаму сите закони поврзани со поддршката во стопанството, граѓаните, борбата против пандемијата да бидат завршени и оваа помош да стигне таму каде што е најнеопходна, рече Мицкоски.

Лидерот на опозициската партија соопшти дека бил информиран од Заев дека во текот на април во државата се очекува да пристигнат околу 350 илјади вакцини со што би започнал процесот на масовна имунизација на населението, а потоа сукцесивно и во мај што би значело некаде два милиони дози, што е доволно за повеќе од еден милион граѓани коишто би се вакцинирале во периодот којшто следува.

-Поврзано со ова се согласивме дека откако процесот на имунизација на населението и попишувачите, што е многу важно, ќе се случи пописот и затоа се договоривме истиот да биде одложен, наместо сега во месец април како што е предвидено да се одложи за месец септември. Како можен период да биде 5 – 30 септември, (25 дена), апликацијата со која се евидентира дијаспората да остане активна до физичкото завршување на пописот, а локалните избори наместо на првата половина од октомври да бидат одложени за втората половина од октомври, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека на средбата не станало збор за техничка влада и дека тоа било споменато само колоквијално. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ го барала во минатото е експертска влада.

Мицкоски кажа дека главниот нивен мотив на оваа средба било да спасат што е можно повеќе човечки животи во пандемијата со Ковид-19.

(фото: Влада на РМ)

-Не сакавме да политизираме, да се занимаваме со политиканство туку дека ни е важно спасувањето што е можно повеќе човечки животи во пандемијата, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ по лидерската средба со Заев