Мицкоски наместо Заев му одговори на Џамбаски: Гоце Делчев е Македонец, ВМРО е Македонија!

„Бидејќи гледам дека премиерот Заев реши да не ги брани македонските интереси, јас ќе одговрам дека ВМРО е Македонија, а Гоце Делчев е Македонец, и тоа еден од најсветлите ликови во македонската историја“, му одговори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски кој на пост на премиерот Зоран Заев со коменатр ги побуграчи и ВМРО и Гоце Делчев.

Овој коментар на Џамбаски остана без одговор од Заев.

Да потсетиме, премиерот Зоран Заев на Фејсбук напиша дека по повод 4 февруари, денот на раѓањето на великанот и инспираторот на македонското национално револуционерно дело – Гоце Делчев, се сеќаваме и оддаваме почит на неговиот историски придонес во создавањето на македонската државност.

-Како инспиратор и двигател на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство и сплотеност во политичките предизвици пред кои е исправена земјата од сите општествени чинители и граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност. Идеалите и заложбите на овој великан се наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја, која денеска е дел од најмоќниот воено-безбедносен сојуз НАТО и земја која чекори кон членство во ЕУ, наведува Заев.

На овој негов статус реагираше бугарскиот европратеник од редовите на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, со провокативен и негаторски коментар:

„Зоран Заев, јавно ќе треба да напоменам дека „македонската“ револуционерна организација е бугарска. Според првиот устав на организација е Бугарски македонско-одрински револуционерни комитети (БМОРК). Бугарски, Зоране. Бугарски, Заев. А Георги Гоце Николов Делчев, роден во бугарско семејство, во бугарскиот град Кукуш, самиот себе се определил како бугарски учител, бугарски…“.