Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека не се политизира Агенцијата за национална безбедност. Не гледа проблем во назначувањето на Бојан Христовски за нов директор.
Им порача на новинарите: „Тие што ве брифираат, треба правилно да ве брифираат“.
-Јас ќе ви помогнам. Кога се трансформираше УБК во АНБ и се правеше селекција, имаше поранешни високи структури во АР, УБК и АНБ кои што ги профилираа луѓето и врз основа на тоа гледаа како да им наштетат преку лажни вести, клеветнички дописи, злоупотребувајќи ги институциите во кои што работат. Нормално откако таа неправда му беше нанасена на Христовски и не му беше даден безбедносниот сертификат, беше констатирана злоупотребата на дел од раководството на АР, за што јавноста многу набрзо ќе биде запознаена. Таа грешка се исправи, Христовски доби безбедносен сертификат и не гледам причина зошто човекот кој што го поминува речиси цeлиот работен век во безбедносниот сектор, да не ја извршува успешно челната позиција во АНБ. Има доста уплашени структури и има за што да се плашат, а се дел од поранешната власт. Во периодот што следи ќе ја дознаете вистината, кажа Мицкоски при посетата на општина Брвеница.
Претходно СДСМ обвини дека со назначувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ, „власта на Мицкоски и ДПМНЕ спроведуваат опасна партизација на Агенцијата и на клучните безбедносни институции“.
Нов директор на Агенцијата за национална безбедност е всушност претседателот на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е спротивно на Законот за АНБ, кој јасно предвидува дека директорот на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија или нејзин орган, истакна на денешната прес-конференција Миле Талески, пратеник на СДСМ.
Според Талески, со поставувањето на лице кое само до 2023 година беше претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, оваа партија директно го прекршува член 10 од Законот за АНБ.
„Дури и да се има формално повлечено од партијата, фактот дека до неодамна извршувал висока партиска функција е јасен показател дека ова решение е чисто партиско, непрофесионално и спротивно на Законот и на меѓународните стандарди, особено оние на НАТО.