Мицкоски: Никој не ги понижил Македонците како што тоа деновиве го прави Заев

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски реагираше на неколку последни изјави на премиерот Зоран Заев, кои, според лидерот на опозицијата, ги дал неконтролирано и  егзибиционистички во свој стил.

Имено, можевме да слушнеме како претседателот на владата повикува на камшикување на сопствениот народ, како повикува на мито на сопствениот народ кога ги повикува бизнисмените да го одврзат кесето и да дадат 13-та плата, како имал средба со одреден бизнисмен во владата. Би сакал да ја искористам оваа прилика и да се обратам до граѓаните на Република Македонија, до моите пријатели, роднините, до моите соседи, до моите колеги и до моите сопартијци и сакам да ги замолам сите граѓани во Република Македонија да не подлегнуваат на сите овие обиди за понижување и омаловажување бидејќи никој во историјата македонскиот народ не го камшикувал, па нема тоа да му го дозволиме ниту на Зоран Заев, ниту на било кој кој што ќе се обиде да направи такво нешто, изјави Мицкоски.

Тој побара од граѓаните да го задржат достоинството и да не подлегнуваат на провокации.

Никој во историјата не успеал да го понижи сопствениот народ, македонскиот народ и останатите граѓани во Република Македонија како што тоа го прави Зоран Заев изминатите денови. Затоа би сакал сите вас, граѓаните на Република Македонија, Македонците, но и останатите да ве замолам да го задржите вашето достоинство, да не потпаднете на провокации од страна на претседателот на владата  вие сте горди, вие сте достоинствени што живеете во оваа држава, тука е ВМРО-ДПМНЕ.  ВМРО-ДПМНЕ секогаш бил столбот на државата во Република Македонија, така ќе биде и овој пат. Послушајте го вашето срце и разум како да постапите во својот живот, така и постапете на 30 септември. Ниту едно омаловажување, ниту едно понижување, ниту еден обид за камшикување на Зоран Заев и рамадилата околу него нема да им помине, рече Мицкоски.