-Очекувам тоа што е договорено да биде и почитувано. Мерката треба да стартува денеска и очекувам намалување од најмалку 10 проценти, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, во однос на стапувањето во сила на ограничените профитни маржи за 73 прехранбени производи од есенската потрошувачка кошница.
За реакциите од граѓаните дека дел од маркетите ги покачиле цените пред носењето на одлуката, Мицкоски порача дека секој кој се однесува шпекулативно, неморално и неетички, ќе биде санкциониран.
Тој посочи дека мерката ќе трае до крајот на октомври, а како резултат на неа 70-ина производи се со намалени цени, според анализата и теренските анкети со граѓаните.
– Во периодот што следи ќе продолжиме да ја ажурираме оваа листа, зависно од потребите на граѓаните. Производите не се резултат на шпекулативна мерка, туку на анализа и теренски анкети со граѓаните, за тоа кои производи можеби се најкористени, така ќе биде и пред новогодишните празници и напролет, цело време. Целта ни е да го олесниме животот на граѓаните и да ја намалиме цената на производите, рече Мицкоски.
Тој најави дека наскоро ќе има промени во раководството на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), каде се уште е директор од претходната власт.
– Не брзаме со овие кадровски промени за да не бидеме под критика на јавноста дека партизирам. Чекориме многу внимателно, сакаме да ги почитуваме сите закони за да не нема после илјадници тужби и милиони пари на народот да се слеваат во приватни џебови. Мислам дека набргу од денеска и таа работа ќе биде заваршена, ќе дојде ново раководство во ДПИ, рече Мицкоски, при посетата во општина Ѓорче Петров, а по повод поставување камен темелник на спортска сала во ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“.