Јас би сакал и силно верувам дека ЕУ ќе го додржи зборот и она што беше ветено во минатото. Но, не е тоа суштината. Се сеќавам на лидерската средба што ја имавме пред три години во мај во Клубот на пратениците, кога за првпат беше спомената можноста за уставни промени за Илинденска Македонија. Многу јасно го прашав Заев: Дали си свесен дека со ова ги растураш сите повеќедецениски преговарачки позиции на Македонија? Ама, ми вели, „ќе станеме членка на НАТО и ЕУ“. Не само што не станавме членка, туку не сме ни почнале да преговараме. А, членка на НАТО, доколку беше тоа геостратегиски интерес, ќе станевме и без промена на името, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за неделникот „Фокус“.
Мицкоски посочи дека Македонија ќе влезеше во НАТО и без промена на името и без понижувањата на Зоран Заев.
– Наративот го градат тие што им се брзаше. А, од таа брзоплетост, гледаме до каде дојдовме. Да бидеме потсмев во Европа. Денеска половина Европа коментира за нас дека сме го смениле името, Уставот, а ништо не сме добиле за возврат. На тие што им се брза, се проблем на оваа држава. Мене не ми се брза, кога се во прашање националните интереси и нивната заштита, појасни Мицкоски.