Односите на ВМРО-ДПМНЕ со меѓународната заедница сега се многу подобри од декември 2017, вели партискиот лидер Христијан Мицкоски во интервју за емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. При изборот да застане на чело на партијата на местото на Никола Груевски, Мицкоски се обврза на три работи – дека ќе ја обедини и реформира партијата, дека ќе ги подобри коалициските капацитети и дека ќе ги подобри односите со стратешките партнери на земјава ЕУ и САД.
„Јас сум задоволен од односите што ги имаме со меѓународната заедница овде во државата, позицијата на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на Европската народна партија, односите што ги имаме со бројни европски политичари кои не се дел од Европската народна партија и ако ме прашате дали состојбата сега во октомври 2022 г. е подобра од декември 2017 г., ќе ви одговорам дека е многу подобра“, вели Мицкоски.
За пораките што во последниот период доаѓаат од претставници на меѓународната заедница до ВМРО-ДПМНЕ дека треба да ја преземе одговорноста за уставните измени и внесување на Бугарите заедно со Хрватите и Црногорците во преамбулата, Мицкоски вели дека тие не може да се гледаат изолирано од пораките што меѓународната заедница ги испраќа до власта за нивото на корупција и крминал.
„Да, јас ги слушам тие пораки, но нашиот став е јасен и прецизен, а тој е дека во овие околности, ВМРО-ДПМНЕ нема намера да влезе во какво било интервенирање во преамбулата на Уставот“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на критиките од еврокомесарот Оливер Вархеи при дебатата за т.н. француски предлог во Собранието дека ВМРО-ДПМНЕ ја помина црвената линија и дека палењето документи и поттикнувањето омраза не носат ништо добро, Мицкоски коментираше:
„Дозволете да не верувам во тезата дека Вархеи и мисли подобро на Македонија од тоа што јас и мислам. Јас, сепак, за себе мислам дека многу подобро и мислам на мојата татковина и на мојот народ отколку што господинот Вархеи и мисли. И нема аргументи со кои ме убедија дека таа политика е исправна политика“.