Мицкоски оствари средба со европратеникот Кристијан Сагарц

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот Тимчо Муцунски вчера остварија средба со Кристијан Сагарц – Европратеник од Австриската народна партија и известувач во сенка за Македонија во Европскиот Парламент.

На средбата се разговараше за актуелната и политичка ситуација во Македонија, европската перспектива на државата како и ковид пандемијата и енергетската криза.

– Мицкоски информираше за лошата економска состојба во државата која е пред се поради лошото работење на актуелната власт, како и тоа дека власта нема план како да се справи со предизвиците и да ги избави граѓаните од сиромаштијата.

Мицкоски истакна и дека корупцијата и немањето владеење на правото во земјава остануваат големи проблеми, кои се важни во напредокот на државата, а кои власта нема намера да ги решава и посочи дека токму затоа се потребни брзи предвремени парламентарни избори за да може да дојде власт која ќе се справи со предизвиците, соопштуваат од партијата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски ја афирмираше заложбата на ВМРО-ДПМНЕ за побрз почеток на пристапните преговори со ЕУ.

На средбата исто така беше потврдена добрата соработка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Австриската народна партија во рамките на Европската народна партија, како и отворената можност за соработка помеѓу македонски и австриски општини во насока на имплементација на проекти од фондови на ЕУ.