Мицкоски: Парите од акцизата за гориво, наместо за луксуз ќе ги намениме за народот и проекти во образованието

На вчерашната трибина „Промоции на политики – Македонија за сите луѓе“, во Гази Баба, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека парите од заборавената акциза за гориво која власта ја наметна, наместо за непродуктивни трошоци и луксузни трошења,но и крадење од страна на власта, ќе се наменат за народот во нови проекти и инвестиции.

„Ние не сме партија на политички измамници којашто едно збори пред граѓаните и друго прави, па потоа заборава на своите ветувања, туку сме партија која си стои на зборот“, порача Мицкоски.

„Политиките од нашиот концепт предвидуваат она зголемување од акцизата за три денари плус данок на додадена вредност за дизел горивото, и парите кои сега непродуктивно се трошат, да се вратат назад кај граѓаните и тоа годишно се планираат 600-тини милиони денари или 10 милиони евра вложување во образованието, реконструкции на училишта, реконструкции на игралишта , обнова на помагалата во училиштата, вкупно 10 милиони евра од акцизата назад кај граѓаните, пари кои сега се трошат од страна на оваа влада, ќе бидат наменети за инвестиции во културата, во спортот , вкупно 40 милиони евра во еден мандат, пари кои денеска се крадат наместо да се вложуваат“, истакна Мицкоски.

Челникот на ВМРО-ДПМНЕ посочи и дека парите коишто се заробени од граѓаните, а потрошени во ограбувањето на народот, криминал и непродуктивни трошоци кои влaста ги прави, ќе се вратат назад кај граѓаните како проекти и инвестициии во образованието, културата и спортот.