
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при гостувањето на ТВ „Клан“ истакна дека според денешната статистика, во Македонија умираат повеќе лица од најцрните денови во Шпанија и Италија оваа пролет, а властите кај нас прогласија победа над пандемијата уште во мај месец, а сега е полошо од ден на ден со четвороцифрени бројки за заразени.
-Наместо подготовки за втор бран ние имавме изјави во јавноста да не се грижат граѓаните, зашто подготвени ќе сме влезеле во вториот бран. Па еве сега влеговме во вториот бран и денеска имаме 21 граѓанин помалку во Македонија. Тука нема етнички состав, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми умираат, поради негрижата на оваа Влада и институциите што ги менаџира оваа Влада – истакна Мицкоски.
Мицкоски посчи дека денеска има 42,6% инфицирани лица од тестираните граѓани и дека тоа е повеќе од најголемиот пик од Бергамо и во Шпанија што го имаше во оној прв бран што се случуваше оваа пролет.
-Овој денешен втор бран е последица на лошото менаџирање во првиот бран иако „политикологот“ Караџовски прогласи победа над пандемијата некаде, чинам, кај мај месец. Сепак, чувството на граѓаните е дека ние никогаш не сме излегле од пандемијата, туку таа станува од ден на ден се полоша, за денеска да имаме и четвороцифрени бројки на заболени и сериозна бројка на граѓани кои го губат својот живот – критикуваше Мицкоски.