
„Суштината на оставките на министрите за здравство и во Австрија и Чешка е дека не успеале да се справат со предизвикот. Ние кога почна кризата рековме дека треба масовно тестирање и во светот важеше паролата тестирај-тестирај-тестирај, од крајот на минатата година се зборува за вакцинирај-вакцинирај-вакцинирај, а сега за произведувај-произведувај-произведувај. Ние до втората не сме. И треба час поскоро наместо за провизии, државата да вложи за производство“, посочи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на гостувањето во „Само интервју“, вчеравечер во Канал 5 телевизија.
На 15-ти април министерот вели не ни треба стратешко партнерство со Торлак, за на 16-ти април да рече ќе ни треба партнерство, критикуваше Мицкоски.
„Јас не знам дали овие луѓе размислуваат. Како вака се менуваат изјавите од ден во ден. Ако сум политичар и водам политика која не успева, се повлекувам, ако е проследена со милион скандали тогаш треба да се одговара“, рече Мицкоски.
Според Мицкоски, најмалку што можеа функционерите од власта е да се повлечат, а не грчевито да се борат за своите функции.