Мицкоски се обврза за изградба на нова термоелектрична централа во Пијанец и Малешевијата

За обновата на Македонија лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се обврза за изградба на нова термоелектрична централа во Пијанец и Малешевијата според високи еколошки стандарди што ќе биде од стратешко значење за Источна Македонија. Тоа подразбира 1000 силно платени нови вработувања за Делчево, Пехчево, Македонска Каменица и Берово и останатите места. За целиот регион тоа ќе донесе нова додадена вредност средства од 20-тина милиони евра годишно. И враќање на животот во овој крај.

-Се обврзуваме на обнова која подразбира основање на ново министерство за енергетика и минерални суровини кое ќе се фокусира кон проблематиката на енергетиката како клучна област за стратешки развој за државата. Тоа не значи дека ќе ја зголемиме бирократијата, напротив ќе ја намалиме бирократијата, и ќе го намалиме бројот на министерства кои што сега се покажаа како нефункционални и навистина одвишни во државната структура. Ова министерство за енергетика е клучно за развојот на овој стратешки сектор во нашата држава Република Македонија. Се обврзуваме да вршиме издавање зелени државни обврзници за повеќе зелени проекти. Овој проект предвидува министерството за финансии да издаде зелени обврзници кои ќе бидат долгорочни должнички хартии од вредност. Средствата обезбедени по основ на овие обврзници ќе имаат стриктно определена намена односно ќе се користат за проекти за решавање на проблемот со загадувањето и заштитата на животната средина. Тоа е проблем на кој се обврзуваме дека макотрпно ќе работиме, бидејќи здравјето на нашите сограѓани ни е пред и над се. Ова се дел од капиталните проекти и политики за екологијата и енергетиката, а ќе има и многу други кои ќе бидат дел од нашата програма. Овие проекти ќе значат повеќе здравје, повеќе напредок, и поквалитетен живот. Ова се проекти и мерки од кој корист ќе имаат 2 милиони граѓани, за обнова на енергетскиот сектор и заштитата на животната средина. Повеќе енергетска стабилност и повеќе развој преку примена на иновативни технологии кои земјава ќе ја направат регионален лидер и со висок степен на енергетска самостојност. Ова се сериозни проекти за обновата која ќе ја спроведе новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Нам ни требаат успеси наместо порази. Оваа обнова е надежта за која вреди да се бориме. Обновата победува, доаѓа време кога ќе има повеќе за секого, рече Мицкоски.