Мицкоски на средбата со Радев побарал трајно решение за спорот со Бугарија

Премиерот Христијан Мицкоски се сретна со бугарскиот претседател Румен Радев на Самитот на Европската политичка заедница во палатата Бленхајм во Оксфорд.

„Румен Радев, во разговор со премиерот Христијан Мицкоски, изрази надеж дека Република Северна Македонија ќе го забрза спроведувањето на билатералниот договор за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и договорите на земјата со Европската Унија, кои ќе ја отворат перспективата за почеток на преговори за полноправно членство со ЕУ“, соопштија од кабинетот на бугарскиот претседател.

Мицкоски пак побарал трајно решение на проблемот со Бугарија. Минатиот месец тој изјави дека се додека е на функција нема да се потчини на „бугарскиот диктат“ за уставни измени.

„Главен приоритет на Македонија и на новата Влада на Македонија се добрососедските односи и евентуално изнаоѓање трајно и стабилно решение на проблемот што го имаме со нашиот источен сосед“, нагласи Мицкоски за средбата со Радев.