Мицкоски се сретна со Вучиќ, разговарале за Коридорот 10

Премиерот Христијан Мицкоски на соопшти дека имал средба со претседателот на Република Србија, Алекасандар Вучиќ, истакнувајќи дека двете држави немаат отворени прашања, а односите се базираат на меѓусебно почитување и пријателство.

„Мора да создаваме мостови за економска и политичка соработка со сите соседи и да градиме иднина за нашите граѓани“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на средбата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Белград ја истакна важноста на Коридорот 10.

„Со Христијан Мицкоски разговаравме за зајакнување на односите и за заеднички иницијативи за постабилна иднина на нашите граѓани. Разговаравме за економски и инфраструктурни проекти, со посебен акцент на изградбата на пругата Будимпешта-Белград-Скопје-Атина -Пиреја, која ќе значи поврзување на Јужна и Централна Европа, како и подобрување на трговската размена и соработка во областа на енергетиката“, изјави Вучиќ по средбата.

Шефот на српската држава изрази „благодарност за фактот што Северна Македонија е еден од клучните партнери во иницијативата Отворен Балкан, која стана симбол на силна регионална соработка и поврзаност на Западен Балкан“.

„Нашата заедничка цел е подобра иднина за сите граѓани, а соработката преку Отворен Балкан и други проекти останува цврста основа врз која ја градиме иднината на целиот регион. Убеден сум дека ќе продолжиме да ги развиваме односите во дух на пријателство во иднина и партнерство“, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Македонскиот премиер се сретна и со премиерот на Србија, Милош Вучевиќ.

„Интензивната комуникација меѓу двете влади отвора можности за економска и политичка соработка. Средбата се одржа во духот на традиционално добрите односи меѓу двете земји со акцент на зајакнување на билатералната соработка и реализација на заеднички регионални проекти. Разговаравме за подобрување на соработка во енергетиката, економијата и транспортната инфраструктура, како и заеднички напори за справување со регионалните предизвици“, истакна  Мицкоски.