Мицкоски се врати од Берлин како оптимист: Опозицијата ќе биде разочарана

Премиерот Христијан Мицкоски по посетата на Берлин се врати како оптимист за евроинтегративниот процес, но не кажа зошто. Неговото излагање отвори повеќе дилеми околу начините како ќе се деблокира процесот. Тој не сакаше да открива никакви детали за, како што вели, да не ги наруши очекувањата како во иднина би се развивале работите. Дури е и во дилема дали воопшто да испраќа писмо со предлог-решенија до Брисел.

„Разговорите коишто се водеа во Берлин ме прават многу поголем оптимист од тоа што бев претходно и се плашам дека… имам лична дилема, не сум донел конечна одлука, дека писмото може да не дефокусира од тоа што беше разговарано во Берлин. Но, содржината на писмото генерално беше пренесена на соговорниците таму“, порача Христијан Мицкоски.

Премиерот категорично ја отфрли идејата за уставни измени, кои преку посебен закон во иднина би биле суспендирани ако Бугарија повторно ја блокира земјава. Според Мицкоски, ваквиот предлог не е во согласност со правото. Тој најави дека за предлозите од наша страна ќе се разговара и со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен која наредната недела ќе пристигне во Скопје. Во меѓувреме, премиерот истакна дека ќе работи на одбрана на националните интереси, додавајќи дека национален интерес е и полноправното членство во Унијата.

„Мојата порака до граѓаните е дека однесувањето на оваа Влада и мене како премиер ќе разочара една група на луѓе, а тоа е опозицијата, но да бидат сигурни дека никогаш, ама никогаш и по никоја цена нема да ги изневерам очекувањата на граѓаните“, вели Христијан Мицкоски.

Инаку, од официјален Берлин претходно порачаа дека неопходен чекор за интеграцијата се уставните измени.

„Најважните интеграциски процеси се кога политички одговорните имаат храброст да настапат и против она што е јавното мнени, вели Аналена Бербок“

Германската министерка Бербок истакна дека правилата не се променети и за носењето на одлуки Европската Унија се уште е потребна едногласност од сите земји членки.