Покачувањето на цената на парното греење е пљачка на граѓаните, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, професорот д-р Христијан Мицкоски од Општина Петровец каде што беше на увид на изведувањето на градежните активности за два крупни капитални проекти во рамките на активноста „Промените се случуваат, секогаш со народот“, при што беше запрашан за коментар за покачувањето на цената на парното греење во Скопје, одлука која вчера ја соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Мицкоски истакна дека поради лоповлукот кој што го прави власта, злоупотребувајќи ја енергетската кризна состојба и договарајќи тендери во четири очи, сега македонските граѓани за загревање на трособен стан, годишно ќе треба да плаќаат од 70 до 100 евра повеќе, а оние со поголеми станбени површини и до 120 евра повеќе.
„Покачувањето на цената на парното, е пљачка. Граѓаните, од прилика за двособен стан ќе плаќаат годишно од 70 до 100 евра повеќе, а оние кои што се во три ипол собен или поголем стан, ќе плаќаат повеќе од 100 до 120 евра годишно за парно. Парното годишно е поскапено повеќе од 50%, само сега е 15% и тоа е поради лоповлукот. Повторно ќе кажам, поради пљачката која што ја прави владата, злоупотребувајќи ја енергетската кризна состојба и договарајќи тендери во четири очи“, рече Мицкоски.