Мицкоски: Со повисока откупна цена на грозјето да ги стимулираме земјоделците

Премиерот Христијан Мицкоски денеска оцени дека откупната цена на грозјето годинава е рекордна и е за 25 проценти повисока од минатогодишната, но ги охрабрува винарските визби да ја зголемат дополнително за да се стимулираат земјоделците.

-Лозарите се задоволни од откупот на грозјето според информациите што ги добивам од терен, секогаш може подобро. Откупната цена за вранецот, смедеревката од 19, 22, 23 денари е рекордна, историска, 25 проценти повисока од минатогодишната. Би ги охрабрил винарските визби да ја зголемат цената ако нивните бизнис планови дозволуваат, изјави Мицкоски.

Годинава родот е 65 до 70 милиони килограми грозје, а со стимулирање на земјоделците и обновување на лозовите насади ќе може повторно да се постигне годишниот принос од 100 до 120 милиони килограми.

-Вообичаено родот е некаде околу 100 до 120 милиони килограми грозје, а годинава е 65 до 70 милиони килограми поради временските предизвици. Секако нема доволно род на пазарот, така што ги охрабрувам уште повеќе да ги стимулираме земјоделците, лозарите да се вратат на нивите и повторно да ги возобовиме лозовите насади и повторно да можеме да произведуваме 100 до 120 милиони килограми во текот на годината, рече Мицкоски, по посетата на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија.