Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, г. Христијан Мицкоски во интервјуто дадено за „Република“ на прашањето дали тој смета дека има некое подобрување во правата на работниците во Македонија и каква е ситуацијата тој одговори дека работничките права во Република Македонија го имаат допрено дното, нема подобрување ниту напредок.
Не само во кампањата, туку и во периодот пред кампањата имав можност да разговарам и да слушнам сведоштва на голем број граѓани, работници кои работат во различен дел од индустријата, но и во аминистрацијата, во други компании. Генерално превладува заедничко мислење кај сите дека ситуацијата е катастрофална, дека потешко никогаш не било. И ова не го зборувам само како претседател на опозицијата, па еве да ја критикуваме владата само затоа што треба да ја критикуваме. Навистина, сведочењата на работниците се траорни: за амбиентот во којшто работат, условите, за платите воопшто и не сакам да разговарам – тие се под секој пристоен човечки минимум. Сето она што беше ветувано од Зоран Заев во предизборието во изборите во 2016 и во 2017 година останаа празни ветувања, празно слово напишано на хартија. Се сеќавате на оној по малку комичен учебник наречен „Живот“. Ниту Ж нема од животот, животот пекол стана во Македонија, истакна Мицкоски.
Мицкоски појасни дека целокупната состојба на работниците генерално е лоша.
Пркосот којшто треба да произлезе од синдикалните организации никаде го нема. Дали некој ги заспа синдикатите применувајќи неконвенционални методи или што се случи, но оној којшто треба да биде авангарда, да ги брани и да ги застапува работничките права, веќе две години нема некаква активност, освен Синдикатот за образование, којшто имаше неколку обиди за протесни маршеви низ Република Македонија, но и тие прекинаа. Синдикатите кои ги поврзуваат работниците во индустријата никаде ги нема. Од луѓето кои ги водат тие синдикални организации сум слушнал информации дека власта преку сопствени инсталации прави упад во синдикалните здружувања и на тој начин се обидува да го контролира незадоволството коешто тлее меѓу работниците, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека не треба да се очајува. Доаѓаат подобри времиња. ВМРО-ДПМНЕ победува на претседателските избори, а ќе победи и на предвремените парламентарни избори. Деспотот е на колена, а тогаш ќе дојдат и подобри времиња и за работниците и за сите граѓани во Република Македонија.