Мицкоски: Современ патриотизам значи политичари кои ја имаат довербата од народот и ќе работат посветено, такви се градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ

-Живееме во општество во кое системот комплетно ни се распаѓа пред нас, нефункционални институции, немотивирани луѓе кои се дел од тие институции, многу криминал, многу корупција, декаденција, понижување, предавства. Нешто кое што ние како луѓе, како граѓани, во овој 21 век не го заслужуваме. И тоа е резултат само поради една работа, а тоа е затоа што денеска имаме политичари кои што не се резултат на изборот на народот, туку се таму затоа што некој ги поставил. И секогаш кога вие ќе бидете поставени, наместо да бидете избрани, вие не чувствувате одговорност, не чувствувате одговорност кон народот кому требате да му служите. Политичарот денеска во Македонија треба да биде модерен патриот и да му служи на народот кој го бира, а не на тие кои што го поставуваат. И тоа е суштинската разлика меѓу нас и денешните политичари кои уште неколку месеци ќе бидат Влада во Македонија. Та е многу важно. Тоа е суштински важно, затоа што ако не сме подготвени да ја правиме таа разлика, тогаш многу тешко ќе ни биде да ја градиме иднината“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од Ѓорче Петров.

Тој рече дека кога говори за современиот патриотизам, зборува за политичари кои кога ќе ја добијат довербата од народот, од граѓаните, ќе работат напорно, ќе работат посветено, ќе бидат храбри, но она што е најважно, ќе бидат чесни и достојни за тоа што ги избрал народот.

„Многу е важно тие луѓе кои ќе ја добијат честа од народот, да бидат чесни и достојни на тоа што народот им дал доверба. Затоа што само на тој начин вие можете да покажете дека не се сите исти. Само на тој начин можете да направите разлика од овие во Владата и тие кои денеска се наши поддржувачи и се со нас овде во Ѓорче Петров и нѐ слушаат што зборуваме и какви пораки испраќаме. Не смееме таа доверба на народот да ја изневериме и јас сум посебно горд што речиси изминаа две години безмалку што цела една генерација која ја доби довербата да бидат градоначалници, претседавачи, директори на локално ниво, не ја изневерија досега таа доверба. Работат посветено, чесно, храбро, се борат овде во Македонија, испорачуваат проекти и покрај тоа што се под секојдневен притисок од страна на оваа ненародна Влада. Се кратат дотации, нема систематизации, не се дозволува да се екипираат тимовите, нема проекти во тие општини во кои ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата имаат свои градоначалници, свои претседавачи на Совети, директори на ЈП. Но, тоа што го прават е огромна разлика во споредба со тоа што се случува на дневна основа со Владата. Jас сум навистина среќен што можам да кажам дека тоа ќе преставува пример и во иднина како ВМРО-ДПМНЕ, оваа генерација во ВМРО-ДПМНЕ планира да ја крене повторно Македонија на нозе и да ја постави онаму каде што и е местото, а тоа се победничките патеки“, појасни Мицкоски.

Тој посочи дека оваа генерација на луѓе денеска, покажува дека има надеж и дека и покрај тоа што имаат ограничени ресурси тие се подготвени да се борат, храбро да работат за интересот на граѓаните и на Македонија.