Мицкоски – Вал: Владата прво да се усогласи кој изборен модел ѝ одговара, а потоа да се разговара за уставните измени во Парламентот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска заедно со меѓународниот секретар на партијата Стефан Андоновски, остварија средба со амбасадорот Килиан Вал, шеф на мисијата на ОБСЕ во Македонија.
Соговорниците разговараа за актуелната политичка и економска состојба и за актуелните измени за Изборниот законик.
Мицкоски потенцира дека состојбата во државата секојдневно станува полоша, поради високиот степен на криминал и корупција од владата на ДУИ поддржана од СДСМ и поради катастрофалната состојба во економија и осиромашување на граѓаните, информираат со соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Воедно, во однос на измените во Изборниот законик, Мицкоски го истакна ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека за партијата е се прифатливи техничките препораки и заложби од  ОБСЕ/ОДИХР по однос на спроведување на фер и демократски изборите, но потенцираше и дека владата мора прво да се усогласи кој изборен модел им одговара а потоа да се разговара за уставните измени во македонскиот Парламент.
-Владата треба да се усогласи меѓу себе, кој изборен модел ѝ одговара, па потоа да се разговара во Собранието. Ние сме подготвени да ги прифатиме техничките препораки од страна на ОБСЕ/ОДИХР за да осигураме транспарентни, фер и демократски избори, дециден е Мицкоски.