Владата нема стратегија за енергетската состојба во земјава ниту намера да вложува во РЕК Битола, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за време на денешниот престој во Битола.
Во изјава за медиумите Мицкоски потсети во каква ситуација бил тогашен АД ЕЛЕМ во 2017 година, и во каква ситуација сега е АД ЕСМ.
– Ова што се случува со енергетиката во Европа и во светот е сериозен проблем што ќе го имаме следната година, а за тоа зборувавме и во Љубљана со Урсула фон дер Лајен, а тоа е и проблем во ЕУ, но таму има стратегија. Кај нас нема стратегија, односно стратегијата е граѓаните да дадат 20 милиони евра, на тој начин да се донесе јаглен од Косово и тој јаглен да се гори во Битола. Претпоставувам чии камиони ќе го транспортираат тој јаглен. Станува збор за 400 до 500 камиони на ден или секој ден, кои ќе врват низ Битола, а тоа со други зборови е план на кој повторно ќе се заработи. За жал тие се уште не се подготвени за ремонт на блоковите, не се подготвени да ископаат доволни количини на јаглен и ситуацијата е тешка – рече Мицкоски.
Новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, нагласи тој, има план како понатаму со РЕК Битола, како да се справува со проблемите.
– Плановите за затворање на РЕК Битола не само што нема да бидат спроведени, туку целосно искинати. Инаку во тогашен АД ЕЛЕМ во 2017 година оставивме 1,5 милијарди денари депозити во банките, потоа околу 360 милиони денари имаше на сметка и беа исплатени обврските кон добавувачите и вработените во форма на К-15. За илустрација, тие 2020 година ја завршија со 16,8 милиони евра во минус и ако кон тоа се додадат загубите на МЕПСО кои се околу 6 милиони евра, тогаш се доаѓа до 22 милиони евра само во 2020 година, а јас очекувам оваа 2021 година таа бројка да биде дуплирана. Имаме план за вложување во еколошки стандарди, план за продолжување на работниот век на РЕК Битола. Ние РЕК Битола го гледаме како една од основите на кои се темели нашата државност. Нема да дозволиме туку така да се збогуваме од РЕК Битола, напротив ќе вложуваме во неговиот работен век – изјави Мицкоски за време на престојот во Битола