Мицкоски верува во 44 пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ кои се единствениот гарант дека уставните измени нема да поминат

-Не би ги коментирал оние пратеници кои ја поддржуваат владата на ДУИ и СДСМ, бидејќи таму се нејасни ставовите. Денеска едно зборуваат, утре друго прават. Да, таква е позицијата на тој пратеник кој вие го споменавте, го прочитав тоа и јас од социјалните медиуми, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, запрашан за коментар за пратеникот од турската партија од власта, Инес Ибрахим, кој пред некој ден изјави дека нема да гласа за уставните измени.

Мицкоски додаде дека на пратеници кои поддржуваат една ваква влада, не им верува и дека единствено се потпира и верува на зборот даден од 44 пратеници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ кои нема да прифатат бугарски диктат и нема да гласаат за промени.

Додаде дека од ВМРО-ДПМНЕ, како идна влада, подготвени се да седнат и да разговараат за промена на околностите кои што денес се ставени на маса.

„За да поддржуваш една ваква влада многу зборот и образот не ти значат во животот. Јас верувам и за мене се важни оние 44 пратеника кои доаѓаат од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и знам дека тие сигурно нема да гласаат под овие околности и нема да прифатат бугарски диктат. А, ние, како идна влада, сме подготвени да седнеме и да разговараме да видиме како можеме заеднички да ги промениме тие околности кои што денеска се на маса. Така што, да сумирам, луѓето кои шест години ја поддржуваат оваа влада, мислам дека одамна заборавиле што значи чест и образ и многу не очекувам од нив во овој процес. Затоа пак, силно се потпирам и верувам на зборот на 44 пратеници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тие се единствениот гарант дека овие уставни измени, вака како што ги замислила владата, нема да поминат“, рече Мицкоски.