Нам не ни се потребни мали придвижувања, туку големи чекори напред и големи победи. Затоа се обврзувам на раст на БДП од минимум 4 % секоја година, невработеност под 10 осто, повисоки плати за 25%, ниски даноци, најниски во Европа од 8%, воведување на реиндустријализација која ќе донесе повеќе пари за секого. И верувам и знам дека Македонската економија можеме да ја направиме да биде прва на Балканот.
Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на промоцијата на изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ: Проект Обнова – се обврзуваме.
-Обнова која носи убави нешта за работниците, земјоделците, стопанствениците, пензионерите, невработените, младите и старите, мажите и жените, сите оние кои денес заедно со нас на нозе се креваат, креваат глава гордо и високо, и се исправаат. За младите кои ќе се вработат мора да има пониски даноци, тие да студираат на барем еден македонски универзитет кој ќе биде во првите 1000 на Шангајската листа. Студентскиот стандард ќе биде сериозно зголемен, и ќе бидат обезбедени серијал на мерки кои значат повеќе можности за секој еден од нив. Мора да си ги вратиме децата во нашата земја. Да ги наполниме испразнетите градови и села. За образовните работници, наставниците и професорите ќе извршиме усогласување на платите со Колективниот договор во образованието. За просветните работници во основното и средно образование личен доход од 36.000 денари месечно, За вработените во високото образование до 100.000 денари месечни примања. Ќе обезбедиме целосно реновирање и реконструкција на студентските домови, ќе одвоиме 4 милиони евра за претприемачка иницијатива на млади и одвојување на 1 денар од акцизата на нафтените деривати во малопродажбата. Овие средства ќе се користат за развој на спортот, спортската инфраструктура и науката во спортот, истакна Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека за земјоделците ќе бидат обезбедени повеќе пари, субвенции во износ од минимум 640 милиони евра во еден мандат и сигурен откуп.
-Нов концепт во земјоделието, едноставни и брзи процедури. 80 милиони евра за нови водовдни мрежи за еден мандат, кредитен револвинг фонд за откуп на земјоделски производи, повеќе од 50 посто покривање на трошоците за механизација, добиток и насади, рече Мицкоски.