-Оваа Влада реши да го направи пазарот 100 проценти либерален и доаѓаа европски претставници кои викаа вие сте шампиони во енергетиката на Балканот, затоа што сме го либерализиле пазарот. Во тие услови цената на струјата на пазарот во Европа беше пониска од онаа дома. И голем дел од компаниите купуваа струја од трговци и државната ЕЛЕМ одлучи да не ги одржува производните капацитети. Или одлучи да ги задоволи потребите на оние кои трошат струја на регулираниот пазар. Ова се случуваше кон крај на 2017, 2018, па и 2019 година, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на гостување во емисијата „Јади бурек“ на ТВ Сонце, објаснувајќи како Владата која се прикажуваше за шампион, заврши како повторувач.
Тој укажа дека дури не се размислувало ни за никаква модернизација на капацитетите.
„Ги предупредувавме, имав серија прес конференции дека не смееме да го загрозиме домашното производство на струја, тие се однесуваа игнорантски, за денес состојбата да е сосема поинаква. И така од шампиони, станаа повторувачи, затоа што тоа што го произведуваме е минимално. Минатата година производството го направивме најниско што некогаш Македонија го имала и се увезуваше најскапа струја, нашето стопанство стана неконкуретно“, рече Мицкоски.
И сега ЕВРОСТАТ, укажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, констатира дека Македонија, односно стопанството плаќа убедливо најскапа струја споредено со земјите од регионот Турција, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора.
„А, во 2017 година во првата половина, кога беше владата на ВМРО-ДПМНЕ, македонското стопанство плаќаше најевтина струја споредена со сите овие земји. Таква е разликата кога владата е шампион, ама шампион за крадење“, заклучи Мицкоски.