Денес Македонија се соочува со најжестоката здравствена и економска криза. Со право народот е целосно фокусиран кон ова прашање, затоа што Ковид 19 пандемијата одзема животи. Мене ми е навистина жал што морам да го констатирам она што сите го гледаме, но оваа власт има целосен системски неуспех во справувањето со кризата, посочи денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
„Викаат дека добро се справуваат и дека ја победиле короната, но демантот стига веднаш и тој вели 140луѓе кои за жал ги загубија животите, и 2.315 заболени, а во моментот над 650 активни случаи и неколку илјади во карантин. Доаѓаме до моментот кога дневно заразени имаме близу до троцифрена бројка во услови кога регионот околу нас има едноцифрена бројка на ново заболени или воопшто нема нови случаи. Македонија има повеќе случаи на ден отколку цел Балкан заедно. А што прави власта за ова прашање? Не слушнавме ниту еден нов протокол, не слушнавме ниту една нова мерка, туку единственото нешто што го слушаме се избори па избори“, рече Мицкоски.