Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не може да поддржи уставни измени за промена на името

ВМРО-ДПМНЕ има многу јасен и повеќепати искажан став дека нема да поддржи уставни промени на уставни измени за да се смени уставното име на државата, а што е едно од клучните прашања на грчката страна во преговорите за името на земјата, рече меѓу другото лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски во интервјуто за Радио Слободна Еввропа емитувано во неделата.

Дали клучот во спорот за името е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, доколку дојде Собранието да решава за уставните измени.

„И во минатот сведоци бевме дека владејачкото мнозинство во повеќе наврати изјави дека решението (во спорот за името) треба да се бара на референдум и дека не доаѓаат предвид уставни измени (во парламентот). Позицијата на ВМРО-ДПМНЕ е повеќе наврати јавно искажана, и лично од мене, како и од други официјални партиски лица, така што нема што на тоа да додадам“, одговори Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ беше запрашан за тоа што би било „прифатливо решение“ кое би прозлегло од преговорите за името што ги интензивираат македонската и грчката влада.

„Хипотетички прашања ВМРО-ДПМНЕ нема да коментира, од едноставна причина што не можеме дополнително да ги загрозуваме и онака загрозените националните позиции коишто ни ги приреди владејачкото мнозинство. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е многу јасен, ВМРО-ДПМНЕ не може да поддржи промена на Уставот со цел да се промени уставното име на земјата. А за индентетските одредници апсолутно нема што да се разговара“, рече Мицкоски.

Најавуваме голем народен протест во мај на којшто ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изрази сите свои несогласувања со моменталните политики на владејачкото мнозинство предвододено до СДСМ, порача лидерот Христијан Мицкоски.

„Од оваа власт не очекуваме ништо, напротив очекуваме само ретроградни процеси и очекуваме на тој голем митинг народот масовно да застане до ВМРО-ДПМНЕ, и да ги поддржи политиките што ќе ги предложи владата“, одговори Мицкоски на повторното прашање за одржувањето на најавениот голем народен протест пред Владата следниот месец на кој е најавено негодување за „сите погрешни потези“на владејачкото мнозинство.