Мицкоски во САД се сретна со семејството Руси, по потекло од Дебар

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, заедно со членови на делегацијата со која е во Вашингтон, остварил средба со семејството Руси, по потекло од Дебар, кое повеќе генерации живее во САД.

На социјалните медиуми тој објави дека на средбата се разговарало за можностите за зајакнување на врските со дијаспората, како и за проекти што ќе донесат придобивки за граѓаните.

„Во рамки на посетата на САД, со моите соработници остварив средба со семејството Руси – познато албанско семејство од Дебар, кое повеќе генерации живее и работи во САД. Тие се пример за успешни Албанци од Македонија кои не ја заборавиле својата татковина и сакаат да помогнат за нејзиниот напредок. Разговаравме за можностите за зајакнување на врските помеѓу дијаспората и Македонија, како и за проекти кои ќе донесат придобивки за сите граѓани“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Верувам, наведува тој, дека само заеднички, без разлика на етничката припадност, можеме да работиме сложно за изградба на стабилна и просперитетна Македонија.

„Потребни ни се сите кои можат да придонесат – и дома и од дијаспората, за да ја создадеме иднината што ја заслужуваме“, напиша Мицкоски.

Тој деновиве, по инаугурацијата на американскиот претседател, се среќава со претставници на дијаспората. Вчера, оствари средба со иселениците од Њу Џерси и ја посети црквата Свети Никола.