Мицкоски во вторник во Брисел: Отстапки повеќе нема да правиме

Власта е подготвена за конструктивно решение за да продолжи по европскиот пат, вели Мицкоски, но доколку ЕУ не покаже подготвеност за тоа, за него ќе значи дека земјава и Балканот не се во фокусот на оваа администрација на Брисел. Според премиерот, во ЕУ секојдневно една на друга земја, по принципот на Бугарија и на Грција, си ставаат вето, преседан што, како што рече, станува пракса и ја води ЕУ таму каде што не треба.

-Реформите ги правиме согласно мониторингот на Европа и така и ќе продолжиме. Ние не сме опасност, ние сме под чадорот на ЕУ и бидејќи таму има политичари во Брисел кои одлучија да бидат заложници на политичари кои се уште се со мислите во средниот век, наместо да гледаат кон 21 и 22 век, ние повеќе отстапки немаме намера да правиме додека сме Влада. Ако си најдат некоја друга Влада нека си ја донесат нека си прави таа отстапки. Ова влада такви отстапки нема да прави затоа што не е аргументот – тоа е тоа, знаете 27 се така. Тој аргумент не води таму каде што сме денеска, ја води ЕУ таму каде што не треба да ја води, изјави Мицкоски.

Дијалог со ЕУ има и имало во последните месеци, но треба да се исцрта јасен пат за македонските евроинтеграции, без ново вето и билатерални условувања, дециден е и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во пресрет на Самитот следната недела. Во врска со последните пораки од Брисел дека земјава мора да ги исполн и прземените обврски, Муцунски изјави дека Македонија направила бројни отстапки и покажала посветеност и искреност, што сега, очекува да ја покаже другата страна.

-Имаме еден многу јасен пристап. Дали е ова последната отстапка којашто се очекува од нас? Дали сме сигурни дека доколку се случат уставните измени, понатаму нема да бидеме предмет на ново потенцијално вето повторно создадено врз основа на билатерални прашања? Треба да исцртаме еден јасен пат за тоа како ќе се движат нашите преговори кон полноправно членство. Не велам дека изнаоѓање на едно такво решение ќе биде лесно за нас како држава ниту за ЕУ, но ќе биде значајно пред се нас, но и за кредибилитетот којшто ЕУ сака да го создаде во регионот, изјави Муцунски.

Одговорајќи на новинарски прашања за амбасадорите на земјава во странство, Муцунски посочи дека некои дипломати редовно се отповикуваат, зашто им е истечен мандатот, но има и други случаи, како оние со Љубомир Фрчковски, Андреј Жерновски и Весел Мемеди. За случајот со поранешниот амбасадор во ОН кажа дека внатрешната постапка во МНР дала загрижувачки информации за можни злоупотреби на буџетски средства и оти за тоа ќе ги информираат и надлежните правосудни органи.

– Од тоа што го видов сум загрижен. Посебно кога индициите укажуваат дека штетата е во шест цифри во евра. Беше спомнат и терминот тужба, и другата страна ќе има право да приложи свои аргументи и докази, рече Муцунски.

Министерот за надворешни на денешната прес-конференција информираше за предлог-измените на Законот за надворешни работи, кој како што рече, ќе се носи транспарентно и во редовна постапка. Со измените за професионализација на дипломатската служба и инвестиции, меѓудругото, се превидува зголемување на процентот на именуваните амбасадори кои ќе бидат од редот на професионалните дипломати од Министерството. Мандатот на упатените дипломати во дипломатско-конзуларните претставништва да биде до четири години, наместо досегашните три години, а се допрецизира учеството на Собранието во процесот на именување амбасадори.