Мицкоски во Занаетчиска комора: Идната влада ќе донесе мерки и проекти за проблемите на околу 10.000 занаетчии

-Средба од која многу работи можат да се научат, но истовремено и значајна за нас како политичка партија која ќе биде победник на следните избори, навистина сериозно да се зафатиме со решавање на проблемите на Занаетчиската комора и на занаетчиите. Затоа што сѐ помалку имаме занаетчии, а сѐ поголема е потребата од услугите на занаетчиите во Македонија, истакна Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ по средбата со Занаетчиската комора.

-Сето она што денеска го разговаравме ќе биде дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ на следните парламентарни избори и силно веруваме дека потоа тоа ќе биде и програма на идната Влада која што ќе ја предводиме. Имаме амбиција сериозно да се зафатиме со решавање на овој проблем, станува збор за отприлика 10.000 луѓе кои навистина имаат потреба од сериозно, темелно и системско решавање на овој проблем, бидејќи не е само проблемот во делот на даноците, субвенциите итн, туку треба да се реши од самиот почеток, односно во едукативно образовниот систем, бидејќи тој треба да произведе кадар кој потоа ќе биде дел од занаетчиите кои ќе нудат услуги на граѓаните. Навистина занаетчиите се мачат, од петни жили се мачат за да опстанат, но истовремено и да ги дадат потребните услуги на граѓаните. Тие ја имаат нашата поддршка и заеднички ќе дојдеме до едно системско решение кое ќе биде дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ на следните парламентарни избори. Ќе сумирам за крај, корисен состанок, многу значаен кој навистина отвора една поинаква перспектива за овој бизнис во Македонија, додаде Мицкоски.