Мицкоски за ФЗО: Здравството не е на пат кон пропаст, туку е пропаднато, таму работат неспособни директори од СДС и од ДУИ, никој не ги повикува на одговорност

-Во јавноста две работи е важно да се кажат. Прво, дека здравствените работници не добиваат редовно плата. Второ, дека нешто не е во ред со ФЗО, односно Фондот нема пристап до податоците на осигурениците. Дали е хакерски напад, дали е нешто трето, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за крахот на ФЗО и здравствениот систем, за време на посетата на Свети Николе.

-Знам едно, дека таму работат неспособни директори кои никој не ги повика на одговорност и од ДУИ и од СДСМ. Заштитени се и наместо обвинителството да се позанимава со овој случај, бега како ѓавол од темјан од целата оваа работа“, посочи Мицкоски.

Тој укажа дека изминатиов период, власта шајка не забоде, пет и пол години, ниту изградија нешто, ниту реновираа, а камо ли клинички центар.

„Единственото нешто што го направија, го расикнаа договорот со изведувачот за клиничката болница во Скопје за кој граѓаните сега треба да плаќаат 20-тина милиони евра отштета на компанијата. Да заклучам, здравството не ни е на пат кон пропаст, туку здравството ни е пропаднато. Тоа е суштината и здравствените работници ја имаат нашата целосна поддршка во овој случај дека тие треба да го добијат она што им е одработено“, посочи Мицкоски.