И во моментов ни се случува грозоморен скандал, бидејќи и во моментов се заработува на грбот на болните од канцер, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција, откривајќи нови сознанија за скандалот на Клиниката за Радиотерапија и Онкологија.
Дивото месо на корупција и криминал, таа канцер мафија, вели тој, треба да биде победена и да има одговорност.
– Жално е што Јавното обвинителство не покрена ниту обвинителен акт и сѐ се заврши со само формална предистрага. Доста со басните за некаква висока политика, бидејќи во реалноста се губат животи поради корупција. Преку свиркачи добивме огромна документација која многу внимателно ја анализираме и врз основа на која влечеме заклучоци и се консултираме со стручни луѓе. Денеска ќе зборувам за неколку заклучоци кои произлегоа од таа документација, но во периодот кој ќе следи ќе има уште такви извештаи. Животот на човекот е неприкосновен, без разлика колку и да има корумпирани луѓе, чиј основен мотив е криминалот. Во рака држам извештај од ФЗО за извршена вонредна финансиска контрола на Универзитетскат клиика за радиологија и онкологија (УКРО) во Скопје. Периодот којшто е опфатен е за 1 август 2021 заклучно со 1 август 2023 година. Еве, овој извештај го опфаќа работењето на Министерството за здравство во изминатите две години. Исто така, опфатен е и период за јавни набавки само на УКРО за 4 месеци, и тоа од декември 2022 до март 2023 година. Има два заклучоци, а и двата се фрапантни. Првиот заклучок е за добавувачите кои се должни да ги испорачаат лековите во рок од 5 или 10 дена, а иако доцнеле со испораките и пациентите не ги примале лековите, не било ништо преземено за да се надмине овој проблем и никогаш не бил прекинат договорот. Ниту еден добавувач не е предупреден ниту му е дадена негативна референца за неиспорака, а не е ниту добиен одговор од дистрибутерите зошто не се испорачува навремено робата. Свесно се крши договорот, пациентите остануваат без терапија, а за тоа никој не сноси последици – рече Мицкоски.
Вториот заклучок, посочи тој, е за одделенијата за лежечки пациенти, каде што медицинскиот персонал треба да го запишува и остатокот на некои вијали, односно пакувања на лекови.
– На пример, ако треба да се аплицира лек на еден пациент од 50 единици, а вијалата е 100 едиици, медицинскиот персонал треба да заведе дека има остаток од 50 единици кој ќе се употреби на некој друг пациент со цел да нема загуби. Но, за жал, овде никој не знае каде завршуваат останатите 50 единици, односно сите тие остатоци. На тој начин, директно, со стотици милиони се оштетуваат македонските граѓани. Уште едно прашање кое се поставува е дали самата клиника имала дозвола за издавање лекови, бидејќи пациенти доаѓале, добивале лек во торбичка и оделе на друго место да им биде аплициран лекот. Дали некој водел контрола каде завршуваат овие лекови? Зошто никој не го отворил прашањето по која цена Клиниката ги наплаќа услугите од Фондот? Дали не сите граѓани имаат право на живот? Овие документи што ги гледате се документи за лекови кои треба да спасат човечки животи, но и лекови кои претставуваат можност за профит. Според ФЗО, овие лекови на 31 март биле залиха, односно се наоѓале како залиха и биле подготвени да бидат аплицирани до пациентите. Секако, овие лекови доаѓаат од омилената веледрогерија на власта – рече Мицкоски.
Тој најави дека сите документи и извештаи ќе ги достави до Јавното обвинителство.
– Бараме Анкетната комисија во Собранието да се прошири и во опфатот да биде и овој период којшто го опфаќа овој извештај. Сите овие документи ќе ги доставиме до Јавното обвинителство. Ве уверувам дека следната Влада има сериозна намера да се занимава со овие битанги кои заработуваат од смртта на нашите сограѓани – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.