Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговори на обвинувањата на СДСМ дека во услови на криза по негов налог пратениците на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, блокирале Закон за заем од 100 милиони евра за справување со енергетската криза.
-Истовремено, преку нивните инсталации во опозицијата повторно ме обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ недоволно блокирало во парламентот и бараат од нас да го напуштиме парламентот. Хммм… платеници и стопани, а каква е вистината?
Имено, коалицијата СДСМ/ДУИ предлага Закон за заем од 100 милиони евра во парламентот. Заем за кој гарант е државата под услови и рокови дефинирани со Договорот за заем.
Кои се условите?
Каматната стапка на заемот е: шест месечен еурибор (моментално е околу 2,3%) + маргина од 1% + еднократна провизија од 1% или вкупно околу 4,3%.
Како ќе ги троши парите од заемот ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ),?
20 милиони евра за оперативни трошоци
55 милиони евра за набавка на струја (ако доволно произведуваат струја како што тврдат овие пари не им се потребни)
24 милиони евра за сервисирање на долгови (веќе доспеаните обврски од тендерите во четири очи)
1 милион за еднократната провизија.
Каква обврска превземаме со заемот ?
Затворање на ТЕЦ Осломеј до крајот на 2023 година, затворање на РЕК Битола до крајот на 2027 година и пуштање на нов капацитет ЕСМ или во приватно партнерство со приватен инвеститор до крајот на 2025 година со инсталиран капацитет од 210 MW (тоа значи за 3 години да се испроектира, изгради и пушти во употреба капацитет кој денес никој не го гледа, а за кој изминативе 5 години влада на сдсм/дуи никој не слушнал).
Блокираме, за да спасиме 4000 директни работни места и најмалку двојно повеќе индиректни работни места. Блокираме, за да го спасиме столбот на сувереноста на Македонија, РЕК Битола од затворање. Продолжуваме со активната блокада за спас на Македонија и граѓаните на Македонија.
Порака до власта: Со секој изминат ден сте чекор поблиску до нов криминал и поголема одговорност. Спасете ја Македонија од дополнително уништување, барем еднаш оставете го личниот интерес на страна и да одиме на предвремени избори. Народот да одлучи во каква Македонија сака да живее!
Доаѓа денот за одговорност…., пишува Мицкоски во одговорот.