Премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на отпочнувањето со градба на основно училиште во Општина Гази Баба, каде ќе можат да учат повеќе од 700 деца.
„Задоволство за мене претставува секогаш кога ќе бидам дел од ваков настан, каков што е овој да отпочнеме со една нова градба на основно училиште, каде што од тоа што успеав да го дознам од градоначалникот повеќе од 700 дечиња ќе можат да се стекнуваат со знаење.
Му честитам на градоначалникот, на советниците коишто ја подржуваат работата на градоначалникот, на пратениците коишто доаѓаат од овде, од Општина Гази Баба, на администрацијата којашто е секогаш тука да помогне во реализација на вакви проекти, истакна Мицкоски.
-Ние заедно како Влада со Министерството за образование и наука ќе продолжиме да помагаме во ваков тип на објекти, капитални инвестиции. Образованието претставува наш фокус и образованието е основа за правилен раст и развој на децата, но истовремено и темел на којшто треба понатаму да се гради една држава, додаде во изјавата Мицкоски.
Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, рече дека училиштето ќе биде завршено за околу две години.