Мицкоски: Зелениково е пример како мала општина може да направи големи работи, убеден сум дека предвреме ќе биде реализирано се што беше ветено

Општина Зелениково и градоначалникот заедно со неговиот тим е исклучително значаен пример како може една мала општина со мали средства да направи големи работи. Градоначалникот ги наброја проектите кои денеска ги посетивме. Изминатава година овде и покрај тоа што се соочува со големи предизвици, енергетска и економска криза, тој сепак успева заедно со неговиот тим најде начин да ги реализира ветувањата дадени за време на кампањата за локалните избори, рече на прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при посетата на овој крај.

-Јас сум навистина исклучително задоволен кога можам да видам дека во Македонија се гради, во општините каде што градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ја добија поддршката, се испорачува она што беше ветувано и ги охрабрувам да продолжат и во периодот кој следи на тој начин да испорачуваат пред граѓаните и да го направат животот на граѓаните поквалитетен, затоа што тоа е практично основната улога на еден градоначалник и на една општинска администрација. Да ги направи условите на живот на граѓаните во една општина поквалитетни. Така е и овде во општина Зелениково, Коста е исклучително посветен, тимот е посветен и убеден сум дека се она кое беше ветено предвреме ќе биде реализирано, а со идната влада на ВМРО-ДПМНЕ и нему како и на многу други ќе им биде олеснето функционирањето бидејќи ќе имаат поддршка наместо опструкциите кои денеска ги имаат на дневно ниво, истакна Мицкоски.

Сакам да честитам, само така да продолжат, граѓаните знаат ценат и препознаат и веќе на следните предвремени парламентарни избори ќе го кажат својот суд за тоа што е направено и што не беше направено од страна на владата на СДСМ и ДУИ, додаде тој.