По повод 27-от роденден на ВМРО-ДПМНЕ, чија прослава ќе биде оваа сабота, партијата ќе организира низа циклуси на панел дискусии. Денеска е организирана првата насловена како „Единствени кои носат инвестиции и отвoраат работни места“.
Модераторот на денешната дискусија Христијан Мицковски се осврна на даночната политика, која новата Влада сега ќе ја промени, со зголемување на данокот за оние кои заработуваат повеќе од 1.000 евра.
„Станува збор за нова даночна политика која ќе биде поразлична од онаа која што ја практицираше владата предводена од страна на ВМРО-ДПМНЕ и која што сама по себе вклучува зголемување на даноците. Односно напуштање на онаа пракса на рамен данок, која што беше призната од сите релевантни меѓународни институции, како што се Светската банка, ММФ, сите оние критичари и аналитачира кои што се активни во регионот па и пошироко. Туку имплементирање на една нова даночна политика, која што вклучува скалест данок, односно оданочување на 10 и 18 проценти“, кажа Мицковски.
Мицковски не гледа дека имплементирање на една ваква мерка каде и кому може да донесе бенефит.
„Ако анализирате убаво, станува предлог кој што во минатото беше аплициран и не даде резултати кои што беа очекувани. Не само што не беше функционален, туку можеше да донесе до т.н. даночна евазија, да стимулира неплаќање на даноците. Доколку продолжи ваквиот пристап да се аплицира од страна на владата која што во моментов ја предводи СДСМ, може само дополнително да значи осиромашување на народот и намалување на приходната страна на државниот буџет. Аплицирање на една ваква мерка не гледам каде и кому може да донесе бенефит, бидејќи во најголема мера сите оние граѓани кои плаќале досега данок на приход од 10 проценти , ќе продолжат истиот да го плаќаат, а сите оние граѓани кои имаат приход на 1.000 евра ќе продолжат натаму да плаќаат данок кој што ќе биде 18 проценти. Ако тоа го претвориме во апсолутни бројки станува збор за данок поголем за 80 проценти“, рече Мицковски на панел дискусијата.
Според него оваа мерка ќе влијае на оние поплатени професии и бизнис заедницата.
„Оваа мерка мислам дека негативно ќе влијае врз оние професии кои што со високи вештини, поплатените професии, бизнис заедницата. Баш би сакал да ја слушнам бизнис заедницата како ќе реагира на имплетериње на една ваква мерка, бидејќи станува збор за реално зголемување на данокот за 80 проценти. Сето тоа би било можеби оправдано, кога вишокот пари собран во Буџетот со аплицирање на оваа мерка, би значело олеснување на некои други ранливи категории, но според досегашните политики на владата тоа не го гледаме. Заев во едно интервју кажа дека нема намера да се зголемуваат пензиите, што апсолутно е напуштење на онаа мерка која што досега ја имлементираше владата предводена од страна на ВМРО-ДПМНЕ и во значаен процент ги зголеми пензиите кои што им се исплаќаа на пензионерите“, рече Мицковски.