Критички настроен кон тоа што смета дека ѝ штети на партијата во која до неодамна беше активен член, Ивор Мицковски го критикуваше изборот на Зоран Заев за лидер на партијата. Тој не се согласува со голем дел од чекорите што ги презеде оваа партија. Човекот што студираше во Италија, дипломиран политиколог, денес е дециден – условите за избори се договараат пред избори, а не по нив. По изборите е веќе доцна, вели тој во интервју за „Република“.
„Вистинскиот гнев кај најголем дел од членството лежи во хипокризијата на ова политичко раководство, во нивната превртливост и опортунизам. Потоа, на тоа можеме да го додадеме фактот дека најголем дел од членовите на СДСМ не гледаат решение во двоецот Заев – Шекеринска, не сметаат дека имаат политичко знаење и моќ за да променат нешто“, вели Мицковски.
Изјавите на екслидерот Бранко Црвенковски, според него, не му нанеле штета на СДСМ, туку штета си нанел самиот Заев, кој, како што вели, во ист ден излезе со два различни става и, фатен во ситуација да се соочи со објективниот пораз на својата политика, се реши да го жртвува и да го маргинализира во тој момент најсилниот адут на опозицијата, Стево Пендаровски.
Бевме сведоци на изјави дадени од Црвенковски, Заев и од Пендаровски, кои наштетија на општиот имиџ на партијата во јавноста, но внесоа раздор и меѓу членовите и активистите? Мораше ли да се случат тие расправии во јавноста?
Мицковски: Не можам да толкувам дали нешто морало или не морало да се случи. Од друга страна, не мислам дека изјавите на Црвенковски ѝ нанесоа штета на партијата. Штета си нанесе самиот Заев, кој во ист ден излезе со два различна става и кој фатен во ситуација да се соочи со објективниот пораз на својата политика, се реши да го жртвува и да го маргинализира во тој момент најсилниот адут на опозицијата, Пендаровски. Морам да признаам дека бев разочаран и од ставот на Пендаровски, кој само ги потврди резервите што постоеја кон него. Политиката не е игра на дефанзива, особено не кога резултатите и фактите се на ваша страна.
Како ја објаснувате средбата Црвенковски – Заев, како примирје или како обид за единство?
Мицковски: Ни едно од двете! Мислам дека Заев повеќе се потруди да ја толкува со неговото соопштение за единство и за асолутното зло, од кој било друг. Опозицијата нема никаква корист од примирја, особено кога не постои војна. Од друга страна, повикувањето на единство, и пак ќе кажам, од устата на Заев, ми се чини како нешто крајно несериозно, изветреано, демоде. Едноставно, мислам дека во опозицијата нема единство, додека во опозицијата на Заев владее, би рекол, и една нездрава сплотеност на интереси. Проблемот е што опозицијата на Заев не само што е веќе малцинска, таа веќе не е ниту релевантна.