Челниците на Грција и на Турција се согласија за заемната полза од одржувањето на мирната клима во билатералните односи, како и за интензивирање на соработката за постигнување на целта за двојно зголемување на обемот во билатералната трговија, информираат од кабинетот на грчкиот премиер за средбата на Кирјакос Мицотакис со турскиот претседател Реџеп Таjип Ердоган на маргините од Самитот на НАТО во Вашингтон.
На средбата, Мицотакис и Ердоган разговарале за прашања од меѓународен и регионален интерес со акцентот на последните случувања во контекстот на конлфиктите на Блискиот исток и во Украина, а ги разгледале и билатералните односи по нивната средба во мај во Анкара.
„Премиерот се осврна на кипарското прашање, нагласувајќи дека 50 години по трагедијата од 1974 година, Кипар, земја-членка на Европската унија, не може да остане поделена и ја повтори потребата од одново почнување на разговорите за решавање на кипарското прашање“, информираа од кабинетот на Мицотакис.
Паралелно според истите информации, грчкиот премиер го изразил своето задоволство за соработката со турските власти во борбата против нерегуларната миграција, а разговарале и за нивната следна средба во септември во Њујорк, на маргините на Генералното собрание на ОН.
„На маргините на Самитот на НАТО се сретнав со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган. Имавме можност да направиме кус преглед на билатералните односи по нашата последна средба во мај годинава во Анкара“, напиша Мицотакис на платформата X.