Легализирање на истополовите бракови, како дел од стратегијата на Владата за време на вториот мандат, најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за Блумберг, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис рече дека „истополовите бракови ќе се случат во некој момент“ и тоа е дел од нивната стратегија.
-Грчкото општество е многу поподготвено и позрело, истакна Мицотакис.
Од СИРИЗА преку соопштение ја коментираа изјавата на грчкиот премиер и рекоа дека му посакуваат „добредојде на Мицотакис во современата европска реалност“ и потсетуваат дека тие пред една година доставиле соодветен предлог закон.
Сега чекаме да видиме дали и кога Владата на Нова демократија ќе го најде „соодветниот момент“. И нема да престанеме секојдневно да притискаме заедно со ЛГБТИ+ заедницата овој неопходен и очигледен чекор веднаш да се спроведе, соопштија од СИРИЗА.