Лидерот на најголемата опозициска партија во Грција, Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис, реагираше на синоќешната објава на податоци од „Викиликс“, поврзани за преговорите за името во 2008 година. Во свото обраќање Мицотакис оцени дека актуелното државно раководство во Грција потпишало штетен договор за државата и оти неговата партија нема да го поддржи при гласањето во парламентот.
„Податоците од „Викиликс“ покажуваат дека Скопје се залагало за името Северна Македонија уште во 2008 година. Се барало националноста да остане македонска и јазикот македонски. Тоа е токму она што јас го зборувам со месеци. Ципрас, Каменос и Коѕијас го презентираат нивниот договор како успех за Грција, а во него е исполнето сето она што било побарано од Скопје, а било отфрлено од сите наши претходни влади. Повторувам дека Нова Демократија нема да го ратификува овој документ“, рече Мицотакис.
Инаку, според документите објавени на „Викиликс“, а кои што датираат од 29 јули 2008 година, раководството во Македонија, претставено со премиеорт Груевски и претседателот на државата, Бранко Црвенковски, биле согласни со името Република Северна Македонија, со варијанта одредницата „северна“ да стои во заграда. Во документот се наведува дека евентуалното ново име би било во употреба во сите меѓународни организации, плус билатерално од секоја земја која не сака да го користи уставното име. За внатрешна употреба, како и на пасошите и останатите документи, во употреба би останало уставното име.
Би можело да се искоментира дека црвената линија на тогашниот државен врв била јазикот и националноста да останат – македонски.
Каде се смениле нештата потоа и зошто спорот не е решен уште тогаш?