Американскиот технолошки гигант „Microsoft“ десетиците новинари коишто работат на неговата веб-страница ќе ги замене со вештачка интелигенција и автоматизираните системи ќе одлучуваат кои написи ќе бидат објавувани, пишува во саботата BBC.
За изборот на написите и фотографиите од различните медиуми, како и за креирање на насловите на страницата MSN во моментов се задолжени новинари.
Меѓутоа, оваа задача ќе ја преземе вештачката интелигенција, изјавиле извори за весникот The Seattle Times. Од „Microsoft“ рекле дека тоа е промена во рамките на евалуацијата на работењетo.
„Како и другите компании редовно го евалуираме нашето работење. Тоа може да резултира со зголемено инвестирање во одредени сегменти и, од врме навреме, со прегрупирање во други. Овие одлуки не се донесени поради актуелната пандемија“, се истканува во соопштението на „Microsoft“.
Компанијата, како и другите технолошки конкуренти, вели дека им плаќа на медиумите за користење на нивните содржини на својата интернет станица. Меѓутоа, вработуваат новинари кои одлучуваат кои написи ќе се најдат на порталот MSN.
Околу 50 хонорарни новинари ќе ги загубат договорите со „Microsoft“ до крајот на јуни, пишува The Seattle Times, но постојано вработените нема да добијат отказ.
„Помислата дека можат да нѐ заменат машини е деморализирачка“, изјавил еден од новинарите кои повеќе нема да работи за „ Microsoft“.
Некои од отпуштените новинари укажале на можноста вештачката интелигенција да не може да ги препознава стриктните правила на уредувањето, па на веб-страницата би можеле да завршат несоодветни содржини.