
Покрај тоа што се криминалци, покрај тоа што се мафијаши, се и фашисти. Со ова само ги потврдуваат нашите тврдења дека станува збор за група којашто, за жал, има фашистички манири, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Македонското радио, одговарајќи на новинарско прашање во врска со забраната на употреба на терминот македонски од страна на Бојан Маричиќ.
Мицкоски рече дека единствен начин за да се престане оваа ненормална работа во која што денеска живеат граѓаните е да се порази власта.
„Ова е ненормална работа којашто ние денес ја живееме како граѓани и единствен начин за ова да престане е да ги поразиме на избори кои што многу скоро ќе се случат. И ова е порака до вашите слушатели, до македонскиот народ, до граѓаните во Македонија, единствен начин да се спасиме од сето ова и покрај тоа што знаеме на сите избори тие нема да понудат програма, нема да понудат визија, ќе понудат поткуп, притисоци, закани, уцени, но и покрај се треба да се издигнеме над ситуацијата и да ги поразиме, а потоа јас ви ветувам дека ќе следи одговорност за тие луѓе. На сите тие злодела што ги направија на македонската држава и на македонскиот народ“, истакна Мицкоски.
Истакна дека е потребно обединување од страна на сите граѓани посочувајќи дека за сето ова национално понижување, негирање и бришење од страна на власта ќе следува одговорност односно како што рече тој мора да се исправиме пред неправдата и не смееме да се дозволи неправдата да стане правда во Македонија.
„Затоа верувајте ми понижувањата ќе продолжат, криминалот и корупцијата нема да запре, мафијашите ќе си го тераат својот план на лично богатење, фашистичките чекори ќе продолжат и во иднина на бришење и негирање на македонската култура, нација, на Македонија како збор, како држава, како народ македонскиот народ и јазик ќе продолжат да ги газат и да ги бришат. Единствен начин да го сопреме сето тоа е да ги поразиме. Мораме да се исправиме пред неправдата, не смееме неправдата да стане правда во оваа држава и не смееме тоа да го прифатиме и не смееме со тоа да се помириме“, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Поради тоа, заклучи Мицкоски, неопходно е обединување и затоа ни е потребно без разлика македонскиот народ, граѓаните во Македонија да се издигнат над ситуацијата и да го поразат овој човек, да ги поразат овие политики, а потоа јас ветувам дека ќе следи одговорност.