Мицкоски: Со актуелната власт Македонија е сѐ подалеку од ЕУ

Власта наликува на стар автомобил пред ремонт кој ни вели дека ќе не однесе на натпревар на формула еден каде ќе победи, а не е способен да се придвижи на локална маалска трка. Маслото е растечено, моторот пред зарибување, а новата боја со која го префарбурваат и нѐ убедуваат дека е најдобра постепено распукува и бледее, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на денешниот митинг во општина Бутел.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека волкот влакното го менува но карактерот,додавајќи дека иако пренмиерот Зоран Заев уште пред пет години ветил дека ќе ја донесе Европската унија во Македонија, народот точно знае дека не ја говори вистината, бидејќи како што рече, земјата е сѐ подалеку од Европската унија.

„И не залудно велам насекаде, волкот влакното го менува, а карактерот не. Но новината е сега дека влакното може да го сменат сто пати, ама карактерот кој не го менуваат им го научија, им го прочитаа и го распознаваат до перфекција. И кога Заев ќе каже дека Европска унија ќе ја донел во Македонија народот точно знае дека не ја говори вистината затоа што ова го кажува пет години по ред и ЕУ е сѐ подалеку од Македонија. Одговорот е зашто и во ЕУ не сакаат да седат на иста маса со Заев и врз себе да си го лепат неговиот криминал, неговите афери и скандали“, истакна Мицкоски.