Српската министерка за градежништво, транспорт и инфраструктура, Зорана Михајловиќ, изјави дека „Србија е подготвена да го отвори и да започне со воздушниот авиосообраќај на 18 мај“, но додаде дека тоа зависи од другите земји на ЕУ и кога тие земји ќе дозволат летови од нејзините аеродроми, јави дописникот на МИА од Белград.
-Ние не ги затворивме аеродромите, туку редовните летови беа откажани насекаде. Белградскиот аеродром беше отворен за време на вонредната состојба, бидејќи допремавме хуманитарна помош и ги враќавме нашите граѓани од други земји. Нашиот предлог е да се отвори патничкиот воздушен превоз на 18 мај и тогаш да започнат летовите од аеродромот Никола Тесла, како и од аеродромите во Ниш и Краљево. Но доколку ЕУ не се отвори до овј датум, нема ни Србија, порача Михајловиќ во соопштението од нејзиниот кабинет.
Таа истакна дека се што прави Србија во меѓународниот сообраќај мора да биде усогласено со другите земји.
-Во Европската унија сеуште нема јасен договор за отворањето на граници. Кога ќе се отвори Европа, тогаш тоа ќе го направиме и ние. Ние сме подготвени, но мора да ги координираме активностите со светот, кажа Михајловиќ.
Членот на владиниот кризен штаб, епидемиологот Дарија Кисиќ Тепавчевиќ утрово за РТС изјави дека една од епидемиолошките услови според кои ќе се одвива воздушниот сообраќај, е патникот да се тестира за присуство на вирусот во последните 72 часа, особено за службени патувања и пристигнувања во Србија.
Околу отварањето на меѓуградскиот патнички и железнички сообраќај на 4 мај и на градскиот сообраќај во Белград и Ниш од 8 мај, Кисиќ кажа дека тој ќе се одвива според протоколите на лекарите.
-На пример, ќе се влегува на една врата, задолжително со маска, а оние без маска ќе можат да ја земат на влезот. Потоа, ќе мора да се почитува безбедното растојание. Еден и пол метар до два е безбедно, но ако се користат маските може да се дозволи малку погусто сместување на луѓето. И, нема да се користи вештачка климатизација, порача Кисиќ Тепавчевиќ.