Мијушковиќ: Вардар е амбициозен клуб, среќен сум што ќе бидам дел од него

Црногорскиот стопер Немања Мијушковиќ официјално потпиша за актуелниот шампион на Македонија, Вардар и во двомечот со АПОЕЛ ќе командува со одбраната на “црвено-црните”. Како што вели – тој е задоволен затоа што потпишал со амбициозен клуб и се надева дека Вардар ќе има успешен настап во Европа оваа сезона.

“Среќен сум што потпишав за Вардар, амбициозен клуб кој со крупни чекори оди напред. Од тренинзите и натпреварите кои ги имав се уверив дека клубот има големи амбиции и навистина сум среќен што станав дел од овој колектив”, изјави 23-годишниот стопер за официјалниот сајт на клубот.

Во таборот на Вардар, Мијушковиќ пристигна од Рудар Пљевља, а исто така тој има настапувано и за Будуќност, руските екипи Динамо Москва и Амкар Перм, а исто така беше дел и од босански Сараево. Тој беше прогласен за најдобар дефанзивец во Црна Гора изминатата сезона и сигурно ќе биде големо засилување за одбраната на Вардар во двомечот против кипарски АПОЕЛ во квалификациите за ЛШ.

“Јас ќе дадам сѐ од себе за да ги оствариме амбициите на клубот. Сега, најважно е да се подготвиме за настапот во Лигата на шампионите, каде се надевам дека ќе го минеме АПОЕЛ. Тука сум затоа што сакам да играм во клуб кој сака да направи успех во Европа и да освојува титули. Истото го посакувам и јас и се надевам дека ќе успееме да го оствариме”, заклучи Мијушковиќ.

Мијушковиќ е седмото засилување на Вардар за овој преоден рок. Претходно, “црвено-црните” ги засилија Ацо Стојков, Владица Брдаровски, Бобан Николов, Филип Гачевски, Дарко Велковски и Хуан Фелипе.