Бразилскиот репрезентативец Луиз Адријано од вчера и официјално е нов играч на Милан откако го комплетираше трансферот од Шахтјор, вреден осум милиони евра.
Тој е второ големо засилување за “росонерите” по Карлос Бака, кој исто така пристигна во таборот на Михајловќ и овој тандем би требало да биде ударен во нападот на миланскиот клуб претстојната сезона. Луиз Адријано беше член на Шахтјор претходните осум сезони, период во кој за тимот од Доњецк одигра 266 натпревари и постигна 129 гола.
“Ова е многу важен и среќен ден во мојата кариера. Си одам од Шахтјор по осум години поминати таму и тој клуб засекогаш ќе остане во моето срце. Му благодарам на претседателот Ринат Ахметов и на тренерот Мирчеа Луческу кој ми беше како татко. Сега доаѓам во еден од најголемите клубови во светот и со нетрпение очекувам да почне новата сезона”, изјави Луиз Адријано при потпишувањето на петгодишниот договор.
За колку квалитетен напаѓач станува збор, најдобро зборува фактот дека минатата сезона беше четврти стрелец во Лигата на шампионите со девет гола, сите постигнати во групната фаза. На мечот против БАТЕ Борисов пет пати се запиша во листата на стрелците што е рекорд во елитното фудбалско натпреварување.