Милан спаси бод, Јуве загуби два а можеби и Роналдо

Zlatan Ibrahimovic kicks out a penalty during the Italian serie A soccer match Ac Milan vs Hellas Verona at Giuseppe Meazza stadium in Milan 8 November 2020. ANSA / MATTEO BAZZI

Во последниот натпревар од седмото коло на италијанското фудбалско првенство водечкиот Милан на својот терен во последните моменти од мечот избегна пораз од Верона (2:2), а претходно во неделата во Рим актуелниот првак Јувентус во финишот остана без целиот плен на гостувањето кај Лацио (1:1).

Верона беше на чекор до голема победа во Милано, но домашните израмнија во третата минута од судиското продолжение со голот на Златан Инрахимовиќ кој на овој меч делуваше некоцентрирано.

Верона поведе во 6 минута со голот на Антонио Барака, а во 19 минута веќе беше 2:0, а голот службено е заведен како автогол на Давиде Калабриа, иако постоеше дилема дека е стрелец гостинскиот играч Матиа Закањи. Милан до крајот на првиот дел успеа да намали преку Џанџакомо Мањани во 27 минута. „Росонерите“ можеа да израмнат во 66 минута, но Ибрахимовиќ не реализираше пенал, шутирајќи над голот. Гостинскиот голман Силвестри одолеваше на сите напади на Милан „кинејќи“ неколку стопроцентни шанси сѐ до 93 минута кога шведскиот напаѓач ги постави конечните 2:2.

Милан остана на првото место со 17 бодови, со два бода пред изненадувањето на сезоната Сасуоло кој во саботата на домашен терен ремизираше без голови со Удинезе. Верона, пак, е осма на табелата со 12 бодови.

Во неделата се играа два дерби натпревара: Лацио – Јувентус и Аталанта – Интер, а и двата завршија без победник и со идентичен резултат 1:1.

Во првиот натпревар од неделната програма на римски „Олимпико“ Лацио и Јувентус одиграа без победник 1:1, а домашните до израмнувачкиот гол стасаа во последните секунди од дуелот.

Јувентус поведе во 15 минута, кога Кристијано Роналдо ја сврти топката во мрежата по нафрлувањето на Хуан Квадрадо. Ослабениот Лацио успеа да освои бод на истекот од петтата минута од судиското продолжување на мечот, кога Кореа се проби по десната страна меѓу четворица одбранбени играчи на Јувентус, му ја предаде топката на Фелипе Каиседо кој од свртување од десетина метри го погоди долниот лев агол од гостинскиот гол.

Покрај загубените два бода, торинската „Стара дама“ во Рим можеби и на подолг период го загуби и Роналдо, кој во 76 минута излезе од игра, поради повредата на левото колено.

Јувентус е петти на табелата со 13 бодови, а Лацио е деветти со 11 бодови.

И вториот дерби натпревар во неделата во Серија А заврши со 1:1, а го одиграа Аталанта и Интер. „Нераѕурите“ поведоа со голот на Лаутаро Мартинез во 58 минута, а израмни Алексеј Миранчук во 79 минута.

Аталанта остана шеста со 13 бодови, бод повеќе од Интер кој е следен на табелата.

Рома на гостувањето кај Џенова на Горан Пандев славеше со 3:1 со хет-трикот на Хенрик Мктаријан кој беше прецизен во втората минута од судиското продолжение од првото полувреме, како и во 66 и во 85 минута. За домашниот тим само привремено израмни Марко Пјаца во 50 минута.

Рома е четврта на табелата со три бода заостанување зад водечкиот Милан и еден зад второпласираниот Сасуоло. Џенова, пак, е во опасната зона на 18-то место со само пет бодови.

Наполи за кој настапи македонскиот репрезентативец Ељиф Елмаз целосно доминираше на гостувањето кај Болоња, но оствари минимална победа со голот на Виктор Осимхен во 23 минута.

Наполи со новите три бода дојде до третата позиција со 14 бодови, а Болоња е 14-та со шест бодови.