Еленко Миланов, адвокат на обвинетите во судскиот предмет за организаторите на настаните на 27 април 2017 година во Собранието во своите завршни зборови на рочиштето денеска откри дека смс пораката што ја испратил поранешниот премиер Никола Груевски до Трајко Вељаноски, поранешниот претседател на парламентот, Обвинителството не ја прикажало целосно.
Станува збор за порака препратена од шефот на кабинетот на Вељаноски, во која тој го информира дека Заев во прес-салата одржал конференција во која, опозицискиот лидер, вели дека ако треба тие ќе изберат претседател и на Правниот факултет.
– Она што треба да се знае е дека пораката не е целосна и дека има дел во кој дека СДСМ истиот ден ќе има ЦК и дека најверојатно изборот на претседател ќе биде направен следниот ден на 28 април – рече адвокатот Миланов.
Груевски на Вељаноски пораката му ја испратил околу 17 часот на 27 април.
– Груевски во пораката посочува дека според негови сознанија изборот на претседател ќе биде направен тој ден. Но, во тој момент пред екранот на Вељаноски имало петнаесетина пријавени пратеници за збор, а за кои немал деловничка можност да ги прекине. Тоа го потврди и Оливер Спасовски во своето сведочење. Дури и Заев рече дека Вељаноски политички коректно ја водел седницата – потсети Миланов на сведочењата на функционери на власта.
Миланов во завршните зборови истакна дека обвинетитот Трајко Вељаноски, немал никаква комуникација со ниту еден од другите обвинети за наводно планирање на упадот во Собранието.
Од 30.000 пораки од Вељаноски, воопшто нема комуникација со обвинетите Атанасовски, Бошкоски или со Јанакиески.
– Од ниту еден сведок од обвинителството не слушнавме дека Трајко Вељаноски имал комуникација со Владимир Атанасовски и Никола Бошковски. Во овој период Вељаноски нема апсолутно никаква комуникација со Миле Јанакиевски. Има шест пораки меѓу него и обвинетиот Спиро Ристоски, кој во тоа време бил министер за образование – рече Миланов според кого од сите изнесени докази, и вербални и материјални, само се потврдило дека Трајко Вељаноски конститутивната седница во Собранието ја водел строго според Деловникот.
– Не може за ова да го прогласите Трајко Вељаноски за виновен – рече Миланов.
Тој додаде дека уставниот поредок во тој период во Република Македонија е парламентарна демократија и истиот е и по 27 април 2017 година и никаде не постои навод, дека некој сакал или се обидел да воспостави друг уставен поредок во земјата.
– Уставниот поредок пред 27 април 2017 година е парламентарна демократија. И по овој датум е парламентарна демократија. Не постои друг систем и овој прв и основен дел од обвинението – терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, што им се става на товар на овие обвинети овде, не е исполнет. Ниту со пожар, ниту со експлозии, или општо опасно дејствие, што е услов за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, нема загрозување. Овие обвинети не направиле такво нешто. Со тоа не е исполнет првиот и основен дел од оваа инкриминација за да може да се тврди дека некој од овде обвинетите го сторил делото. Ништо такво ниту се става на товар на обвинението, она што се става на товар е насилство – изјави Миланов.
Судот, претходно го одби барањето на одбраната за враќање на судењето за организаторите на 27 април во главна расправа кое се случи откако во завршните зборови на обвинителката Вилма Русковска беше изменет диспозитивот на обвинението. Судијата Илија Трпков рече дека обвинетите и нивните бранители досега имале можност да ги оспорат доказите, а обвинението ниту е проширено, ниту пак е променета квалификацијата на делото.
Судскиот процес го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката Вилма Русковска.
Судскиот процес е во тек. Се очекува да продолжи со завршните зборови на Трајко Вељаноски.