Милановиќ со најголема поддршка на хрватските претседателски избори в недела

Хрватите во недела излегуваат на првиот круг од претседателските избори, а според последните истражувања што за хрватскиот телевизиски канал RTL ги спроведе агенцијата Promocija plus, актуелниот претседател Зоран Милановиќ има уверлива предност во однос на другите седум кандидати.

За да остане кандидатот на опозициските социјалдемократи SPD, Зоран Милановиќ на претседателската функција се изјасниле 39,3 насто од испитаниците, а за неговиот главен ривал од владејачката HDZ, Драган Приморац се изјасниле 24,3 од анкетираните.

На третото место е независната кандидатка Марија Селак Распудиќ до 10 отсто, додека кандидатката на зелено-левата коалиција „Možemo!“, Ивана Кекин има 8 проценти поддршка од испитаниците.

Другите четворица кандидати имаат минимална поддршка. Првиот круг од претседателските избори во Хрватска се одржува во недела на 29 декември и се проценува дека ниту еден од кандидатите нема да освои над 50 проценти за победа во првиот круг од изборите.

Вториот круг од изборите ќе се одржи две недели подоцна, а на гласачкото ливче ќе бидат Зоран Милановиќ и Драган Приморац.

Се очекува кај Милановиќ во вториот круг да се прелеат гласовите на Ивана Кекин и барем половината од оние што ја поддржуваат Марија Селак Распудиќ, додека Приморац може да смета на гласовите на кандидатите на крајната десница како што е Миро Буљ.